Објавени трите наградени финалисти на YES Network Натпреварот за најдобри пракси 2015

Во рамките на Натпреварот за најдобри пракси за 2015-та година, објавен од страна на Мрежата за поддршка на млади претприемачи (YES Network) на 27-ми јули 2015-та година, беа добиени и прегледани вкупно 12 апликации од граѓанските организации од сите региони на Македонија.

Комисијата за евалуација на апликациите ги прогласи трите наградени финалисти, а секој од нив ќе добие и финансиска награда за пријавената пракса во висина од 61.500,00 денари.

Ова се трите најдобри пракси:
  1. Носител на пријавата: Фондација Евро Центар – Свети Николе
Наслов на добрата пракса: „Женско претприемништво за одржлив економски развој - WE-SEE“
Краток опис: Еден од главните и заеднички предизвици на регионот во кој делува Фондацијата Евро Центар (Старо Нагоричане, Кратово и Пробиштип) е ниското ниво на претприемачки иницијативи особено меѓу жените и младите, заедно со недостатокот на соодветни мерки за стимулирање и поддршка на истите. За да се утврдат локалните потреби и потенцијали за младинско женско претприемништво и да се насочат локалните акции, фондацијата во рамките на проектот WE-SEE, поддржан од програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија, изведе сеопфатна студија со компаративна анализа и препораки за унапредување.
  1. Носител на пријавата: Здружение на граѓани „ЕКОВИТА“ – Неготино
Наслов на добрата пракса: „Зелена мрежа“
Краток опис: „Зелената мрежа“ како добра пракса им помага на младите фармери подобро да ги решаваат своите производствени проблеми и усогласување со нормите на европското земјоделство со помош на експерти од здружението како и од членови од мрежата. Цел на „Зелената мрежа“ е Европски фармер, преку поддршка во производството и воведување на добра земјоделска пракса кај младите фармери.
  1. Носител на пријавата: Организација на жени „ЦВЕТ“ – Крушево
Наслов на добрата пракса: Едукација за креативна индустрија
Краток опис: Оваа добра пракса произлегува од реалните потреби на младите жени од Крушево кои во периодот на транзиција на македонската економија се соочија со недостаток на работни места. Некаде во тоа време, 1996-тата година, со работа започнува Организацијата на жени „ЦВЕТ“ и една од темите со кои се зафаќа на самиот почеток е како жената да си помогне самата себеси во период на транзиција.

Трите најдобри пракси ќе бидат и официјално прогласени, а наградите врачени, во првиот ден од дводневната завршна конференција на проектот Мрежа за поддршка на млади претприемачи со наслов „Најдобри пракси и вмрежување“, која ќе се одржи на 2-ри и 3-ти септември 2015-та година, во Конгресниот Центар на Скопскиот саем.

На завршната конференција посветена на активностите за развој на младинското претприемништво ќе присуствуваат релевантни претставници од владиниот и невладиниот сектор, институциите и граѓанските организации, млади претприемачи и млади луѓе.

Повеќе информации за начинот на пријавување на учество и агендата на конференцијата може да најдете на следниот линк.

Мрежа за поддршка на млади претприемачи (YESNetwork проект) е проект финансиран од Делегација на Европската Унија во Република Македонија преку програмата ИПА – Инструмент за граѓанско општество (CSF) 2012-2013, имплементиран од страна на Фондација за Претприемачки Сервис за Млади (координатор), Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, Здружение на работодавачи Скопје и Алијанса на млади претприемачи од Европската Унија.

Категории

Најнови вести

Најпопуларни вести

Архива