​РРОМА активно го реализира проектот за поддршка на локалното претприемништво

Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација (РРОМА) ги спроведува активностите во рамки на проектот „Меѓусебниот однос помеѓу правата на малцинствата и претприемништвото кај младата Ромска популација и неговото влијание врз активното граѓанство“, кои што ќе бидат реализирани до крајот на август 2015 година. Оваа граѓанска организација е една од вкупно деветте, чии проекти се финансирани преку конкурсот за грантови објавен од страна на Мрежата за поддршка на млади претприемачи, проект финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија преку програмата ИПА - Инструмент за граѓанско општество (CSF) 2012-2013.
 
Досега беа реализирани информативни средби помеѓу младите Роми, претставниците од локалната самоуправа, како и претставници на РРОМА, во четири општини. На средбите се презентира проектот, планираните активности и се дискутира за состојбата на локалното претприемништво меѓу младите Роми.
 
Првата информативна средба за младите Роми се оддржа на 26-ти мај во Кочани на која присуствуваше и претседателот на советот на општина Кочани, г-дин Јордан Димитров. Втората информативна средба се оддржа на 27-ми мај во просториите на општина Берово. На средбата присуствуваше и референтот за односи со малцинските заедници во рамки на општината. Во просториите на општина Виница се оддржа третата информативна средба, на која покрај младите Роми, беше присутен и референтот за односи со малцинските заедници, г-дин Демир Османов. Беа одржани информативни средби во општина Кратово, како и Крива Паланка, каде се реализираше и состанок со градоначалникот, г-дин Арсенчо Алексовски, за поддршка на активностите во рамки на проектот на РРОМА за младинско претприемништво.
 
По инфо-средбите, на 7-ми и 8-ми јуни РРОМА организира работен состанок со 20 млади Роми истражувачи, коишто беа избрани преку повикот за млади истражувачи. Нивна цел е да го предводат истражувањето во рамките на проектот.
 
Резултатите од истражувањето треба да дадат увид за тоа до која мера влијае младинската невработеност на активното граѓанство, кои се меѓусебните разидувања и врски помеѓу еднаквите права на сите граѓани, вработување и активното граѓанство, како и на кои начини може да се зајакне активното граѓанство кај малцинските заедници преку вработување или претприемништво. Резултатите ќе бидат презентирани на национална конференција што ќе се одржи кон крајот на август, 2015-та година.

Категории

Најнови вести

Најпопуларни вести

Архива