Објавени добитниците на грантови во рамки на конкурсот на Мрежата за поддршка на млади претприемачи

Во рамки на Конкурсот за доделување грантови за финансирање на програми и проекти на граѓански организации во областа на претприемништвото за млади за 2015 година, објавен на 3-ти април 2015 година од страна на Мрежата за поддршка на млади претприемачи, беа добиени повеќе од 60 проектни апликации од граѓанските организации од сите региони на Македонија.

Комисијата за евалуација на проектите прифати девет проектни апликации чии активности ќе бидат финансирани, а вкупната сума на финансирање изнесува 24,000 евра.
 
Деветте грантисти на Мрежата се:

1.
Носител на проектот: Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРOMA
Наслов на проектoт: Меѓусебниот однос помеѓу правата на малцинствата и претприемништвото кај младата ромска популација и неговото влијание врз активното граѓанство
Регион: Североисточен, Источен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е истражување во 5 општини (Кратово, Крива Паланка, Виница, Берово и Кочани) кое ќе го прикаже меѓусебниот однос помеѓу правата на малцинствата и претприемништвото / невработеноста кај младата ромска популација врз нивното активно граѓанство.
 
2.
Носител на проектот: Локална Агенција за Развој – Струга         
Наслов на проектот: „Претприемач! - Да се биде или не?“
Регион: Југозападен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е да се подобри квалитетот на претприемничкото учење во средните стручни училишта во Охрид и Струга преку обуки со наставниците и учениците и соработка со бизнис заедницата.
 
3.
Носител на проектот: Здружение за рурален развој Јавор – Зрновци      
Наслов на проектот: „Осмели се“
Регион: Источен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е поттикнување на младите во општина Зрновци и Виница да размислуваат претприемнички. Предвидени се обуки и консултации од областа на претприемништвото, како и конкретни обуки за занимавање со пчеларство.
 
4.
Носител на проектот: Здружение Конечанка Конче         
Наслов на проектот: Предизвици и можности за руралната жена
Регион: Југоисточен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е поттикнување и промовирање на женското рурално претприемништво, бизнис иницијативи и самовработување кај младите невработени жени, на локално/рурално ниво. Предвидени се обуки, размена на искуства, организација на етно-базар и изработка на веб страна за промоција од областа.
 
5.
Носител на проектот: ВОЛОНТЕРСКИ ЦЕНТАР СКОПЈЕ
Наслов на проектот: Изработка на локална стратегија за претприемничко учење за општина Кисела Вода
Регион: Скопски
Опис на проектот: Главната цел на проектот е изработка на локална стратегија за претприемничко учење за општина Кисела Вода што е во линија со потребите на локално ниво и приоритетите на Мрежата.
 
6.
Носител на проектот: Здружение на граѓани ЕКОВИТА     
Наслов на проектот: „Градина на габите“
Регион: Пелагониски
Опис на проектот: Проектот предвидува активности за преквалификација на младите затвореници, кои теоретски и практично ќе се обучат за производство на буковка. По отслужување на својата казна и излегувањето од затворот, ќе можат да отпочнат со производство на печурки.
 
7.
Носител на проектот: НВО Милениум           
Наслов на проектот: Обука за млади претприемачи
Регион: Полошки
Опис на проектот: Главната цел на проектот е преку обуки и конкретна поддршка да им овозможи на малите новоформирани компании создавање на капацитет за менаџмент и промоција, за да можат побрзо да го прошират својот капацитет и да се одржливи и функционални на подолг рок. Проектот предвидува соработка со ЕСА, Општина Теарце и Универзитетот на Југо-Источна Европа.
 
8.
Носител на проектот: Здружение на граѓани ПОДОБРА ИДНИНА Пробиштип  
Наслов на проектот: Младинско претприемништво придонес кон економскиот развој – ЗАЕДНИЧКИ ЗА НАС
Регион: Источен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е креирање на услови за промоција и поддршка на младинско претприемништво во малите урбани места и руралните средини (Пробиштип и Злетово) преку изработка на Стратегија. Истата ќе овозможи: креирање на препораки за надминување на проблемите за развој на младинското претприемништво на локално ниво и дефинирање на мерки за поддршка на истото.
                        
9.
Носител на проектот: Здружение на граѓани ЕКО ТИМ    
Наслов на проектот: Младински ЕКО бизниси – ЕКО БИЗ
Регион: Североисточен
Опис на проектот: Главната цел на проектот е создавање на услови за промоција на еко –младинска претприемачка култура за основање, раст и развој на малите бизниси. Проектот се фокусира на промовирање на алтернативните извори на финансирање, еко-правната рамка, националните и европските програми за поддршка и активно вклучување на млади лица од општината Старо Нагоричане.
 
На грантистите им посакуваме успех во реализацијата на активностите предвидени во рамки на проектите. Исто така, продолжете да ги следите активностите на Мрежата за поддршка на млади претприемачи и новите можности за вклучување во истите.
 
Мрежа за поддршка на млади претприемачи (YESNetwork проект) е проект финансиран од Делегација на Европската Унија во Република Македонија преку програмата ИПА – Инструмент за граѓанско општество (CSF) 2012-2013, имплементиран од страна на Фондација за Претприемачки Сервис за Млади (координатор), Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, Здружение на работодавачи Скопје и Алијанса на млади претприемачи од Европската Унија.

Категории

Најнови вести

Најпопуларни вести

Архива