Преку активна граѓанска сцена до поддршка и развој на младинското претприемништво

Со завршната конференција со наслов „Најдобри пракси и вмрежување“, минатата недела, на 2-ри и 3-ти септември 2015-та година, во Скопје, беше обележан крајот на 18-месечниот проект Мрежа за поддршка на млади претприемачи (YES Network), финансиран од Европската Унија. Сепак, напорите посветени на поддршка и развој на младинското претприемништво во Република Македонија не застануваат тука, туку продолжуваат преку соработката на граѓанските организации, локалните власти, владините институции, младите претприемачи и младите луѓе, поврзани во рамки на Мрежата.
 
Завршната конференција ја отвори Раководителот на сектор во Делегацијата на Европската Унија, г-дин Јаромир Левичек, кој ја воведе публиката во програмите за развој на претприемништвото на Европската Унија. Говор одржаа и Директорот на Фондацијата за Претприемачки Сервис за Млади (координатор на проектот), г-ѓа Габриела Костоска Богоеска, како и Проектниот менаџер, г-дин Александар Филипоски кои ги презентираа целите, севкупните активности и идните планови на Мрежата за поддршка на млади претприемачи.
 
Кон публиката се обрати и Советникот за меѓународна соработка од Агенцијата за млади и спорт, г. Зорица Стаменковска, која ја презентираше досегашната соработка меѓу агенцијата и граѓанските организации во целокупниот процес на креирање на Националната стратегијата за млади на Република Македонија, со посебен фокус на развојот на младинското претприемништо, како една од приоритетните области.
 
Во текот на првиот ден на конференцијата, претставници на локалната самоуправа учествуваа во тркалезна маса посветена на локалните активни мерки за поддршка на младинското претприемништво преку соработката со граѓанските организации. Дискусијата ја модерираше проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претставник на Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, а учество земаа: Градоначалникот на општина Старо Нагоричане, г-дин Mилован Стојковски, Раководителот на секторот за локален економски развој на општина Пробиштип, г-а Ирена Бошковска и г-а Елизабета Јаневска, претставничка на секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода. Во рамките на овие три општини беа спроведени локални проектни активности од страна на локални граѓански организации за поддршка на младинското претприемништво, финансирани преку Мрежата за поддршка на млади претприемачи, со фондови од Европската Унија. Исто така, обраќање во рамки на тркалезната маса имаа г-а Кристина Митиќ, претставник на одделението за млади и спорт на Град Скопје, како и г-дин Сашо Трајков, претставник на секторот за локален економски развој на општина Гази Баба, уште две општини со многубројни позитивни примери за поддршка на младите претприемачи и примена на активните мерки за младинско вработување и самовработување.
 
На дводневниот настан беа присутни повеќе од 100 претставници на владините институции, единиците на локалната самоуправа, граѓанските организации, академскиот и бизнис сектор во државата, млади претприемачи и млади луѓе.
 
Во текот на завршната конференција беа презентирани трите наградени најдобри пракси (http://www.yes-network.org/vest-statija/34545/objaveni-trite-nagradeni-finalisti-na-yes-network-natprevarot-za-najdobri-praksi-2015) во рамки на Натпреварот за најдобри пракси 2015, од страна на фондацијата Евро Центар од Старо Нагоричане, организацијата на жени „Цвет“ од Крушево и здружението „Ековита“ од Неготино. Исто така, беа презентирани и деветте проекти (http://www.yes-network.org/vest-statija/46461/objaveni-dobitnicite-na-grantovi-vo-ramki-na-konkursot-na-mrezhata-za-poddrshka-na-mladi-pretpriemachi) имплементирани од граѓански организации во соработка со локалните власти, финансирани преку Мрежата за поддршка на млади претприемачи. Презентации одржаа Волонтерскиот Центар Скопје, здружението „Ековита“ од Неготино, здружението „Екотим“ од Старо Нагоричане, здружението „Јавор“ од Зрновци, организацијата на жени „Конечанка“ од Конче, Локалната Агенција за Развој од Струга, НВО Милениум од Тетово, здружението „Подобра иднина“ од Пробиштип, како и Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација од Кратово. Сите презентации се достапни на овој линк: http://www.yes-network.org/izveshtai-i-dokumenti/
 
Тука може да ја погледнете галеријата на фотографии од завршната конференција:
http://www.yes-network.org/galerija1/
 
Важноста на мрежата од аспект на споделување и промовирање добри пракси имплементирани од граѓанските организации и соработка со владините институции за поддршка на младинско претприемништво, е исклучителна. Тимот на проектот и членките на Мрежата за поддршка на млади претприемачи ќе продолжат да ја унапредуваат сцената за поддршка и развој на младинското претприемништво во државата, преку актуелизирање на постојаната соработка помеѓу граѓанскиот сектор, локалните власти и институциите, со крајна цел – остварување допринос за забрзан локален економски развој.
 
Мрежа за поддршка на млади претприемачи е проект финансиран од Европската Унија. Проектот го имплементираa: Фондација за Претприемачки Сервис за Млади (координатор), Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Националниот центар за развој на иновациите и претприемачкото учење, Здружение на работодавачи Скопје и Алијанса на млади претприемачи од Европската Унија.

Категории

Најнови вести

Најпопуларни вести

Архива