​Втор консултативен форум за локалната стратегија за намалување на младинската невработеност кај Ромите преку претприемништво во општина Битола

За изработката на документот „Локална стратегија за намалување на младинската невработеност кај Ромите преку претприемништво во општина Битола“, беше одржан и вториот консултативен форум на кој беше презентиран концептот на стратешкиот документ. Форумот се одржа на 26.07.2017 (среда), во хотел Премиер центар во Битола, а учествуваа 21 лице и тоа претставници од бизнис заедницата, образовни институции, Совет на општина Битола, граѓански организации, Регионалната стопанска комора и млади луѓе.
 
Активноста е дел од проектот „Активно учество во намалување на младинската невработеност кај Ромите“ кој го спроведува Младински културен центар – Битола, во соработка со Центар за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ – Битола. Проектот е финансиран од Европската унија и е дел од регрантираните локални акции на граѓанските организации – грантисти во рамки на проектот „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи”, исто така финансиран од Европската унија.
 
Членовите на форумот го насочија првиот дел од дискусијата на следните приоритетни области и предлог мерки.
 
ПРИОРИТЕТНА ОБЛАСТ 1
Креирање на колаборативна средина за развој на претприемништвото кај младите Роми.
 
Предлог мерка 1: Да се развијат механизми за координирано разменување на информации меѓу засегнатите страни за зголемување на нивното активно учество (е-платформа и активности за вмрежување).
Предлог мерка 2: Да се формира координативно тело кое ќе се занимава со подигнување на претприемачката свест и култура кај младите Роми.
 
ПРИОРИТЕТНА ОБЛАСТ 2
Развој на можности за претприемачко учење кај младите Роми.
 
Предлог  мерка 1: Да се развие тренинг модул за социјално претприемништво кај Роми.
Предлог мерка 2: Да се изработи менторска програма и професионално советување на млади Роми и нивните родители.
Предлог мерка 3: Да се организираат обуки за претприемачки вештини и водење бизнис кај младите Роми.
 
ПРИОРИТЕТНА ОБЛАСТ 3
Иницијативи за подигнување на свеста за претприемништво кај младите Роми.
 
Предлог мерка 1: Да се преземат меѓуинституционални иницијативи за поддршка на млади претприемачи Роми.
Предлог мерка 2: Поттикнување и поддршка на граѓански иницијативи за зголемување на свеста за претприемништво кај младите Роми.
Предлог мерка 3: Да се воспостават и интегрираат добри практики како натпревари, презентирање на успешни приказни, промоции, настани поврзани со претприемништво и претприемачко учење, волонтирање.
 
Во вториот дел од консултативниот форум беше изработен конкретен акциски план преку развој на активности, резултати, индикатори и надлежности за секоја предлог мерка. Во оваа фаза, документот со инкорпорирани предлози и забелешки од сите досегашни активности е испратен на мејлинг листа на сите кои на било кој начин се вклучени во иницијативата за да можат повторно да интервенираат доколку сметаат дека за тоа има потреба.
 
Форумот заврши со кратка дискусија за тоа кои следни чекори треба да се преземат за да се отвори поле за реализација на мерките и активностите наведени во документот. Разговорот беше во насока на листање алатки за лобирање и застапување во очи на локалните избори како би се обезбедило поле не само за усвојување на документот од страна на Советот на општина Битола туку и обезбедување на реални услови за реализирање активности во насока на намалување на младинската невработеност кај Ромите во Битола.
 
Сите заинтересирани за процесот на одвивање на изработката на стратешкиот документ „Локална стратегија за намалување на младинската невработеност кај Ромите преку претприемништво во општина Битола“ може да се обратат кај партнерските организации кои го спроведуваат проектот или до Мрежата за поддршка на млади претприемачи.

Галерија