Повик за учесници: Младински лидерски иницијативи

„Младите можат“ по трет пат им дава шанса на 20 млади луѓе за 7-дневно искуство со лични и тимски предизвици, самоевалуација, рефлексија, себе-запознавање и развивање на својот лидерски потенцијал и потоа 3-месечен период за правење промена преку реализирање на иницијатива.
 
Целта на овој проект е да ги инспирира младите луѓе да станат свесни за својот лидерски потенцијал и да развијат вештини за потоа да преземат акции во својата заедница. Истиот се реализира во две фази.
 
Првата фаза вклучува интензивен 7-дневен лидерски камп на кој учесниците ќе се здобијат со знаење и ќе искусат: лидерство, себе-запознавање, самоевалуација, рефлексија, лични предизвици, тимска работа, тимски предизвици, граѓанско учество, детектирање општествен проблем, поставување цели и изработка на акциски планови. Лидерскиот камп ќе се одржи од 5-ти до 11-ти февруари 2018 година, на Пониква, Осогово. Втората фаза вклучува спроведување на три младински лидерски иницијативи (февруари-мај, 2018 година).
 
Повикот е отворен за сите млади од 17 до 22 години. Заинтересираните може да аплицираат со пополнување на апликациски формулар.
 
Сите детали околу учеството во проектот може да ги најдете на следниот линк:
http://youthcan.org.mk/повик-за-учесници-младински-лидерски/
 
Рокот за пријавување истекува на 5-ти јануари 2018.