Мрежата за поддршка на млади претприемачи YESNetwork се вклучи во националната кампања „365 работнички права за млади“

Во согласност со својата мисија за поддршка на младинско претприемништво и  стимулирање на социо-економски развој кај младите преку иновации, претприемништво и трансфер на знаење, од јануари 2018, мрежата YESNetwork  се вклучи во кампањата  „365 работнички права за младите“!


Кампањата ја спроведуваат Младинските Информативни и Советодавни Центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија.
 

„365 работнички права за млади“ е кампања која има за цел да ја подигне свеста кај младите за нивните работнички права. Преку предвидените активности ќе се делува кон зголемување на свеста на младите луѓе да разберат дека имаат права на работното место, а воедно и на кој начин, каде и како да се информираат за нив.

 

Кампањата вклучува серија на активности кои ќе се спроведуваат во текот на 2018 година  и истите предвидуваат консултативно - едукативни средби, јавни дискусии, информативни денови и настани преку кои ќе се опфатат голем број на млади (средношколци и студенти), млади работници, работодавачи, донесувачи на одлуки на локално и национално ниво и невладини организации со цел подигнување на свеста за гарантирање на правата на работно место. Преку активностите на кампањата ќе се влијае и на зголемена свест за важноста од информирањето за работничките права за севкупната јавност во Република Македонија.