Преку стимулирање на иновациите и подобрување на конкурентноста на домашните компании, до подобро искористување на европските програми за финансирање

Вчера (среда), 7-ми февруари 2018 година, со почеток во 12:00 часот во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје се одржа промотивна конференција која го означи почетокот на проектот „Подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку развој на капацитети за иновации“, финансиран од Европската унија, во рамки на програмата ИПА за јакнење на конкурентноста на националната економија. Имплементацијата на проектот започна во декември минатата година и ќе трае до јуни 2019. Проектниот конзорциум кој ги спроверува активностите е составен од партнерските организации Фондација за Претприемачки сервис за млади, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување и АРК Фонд (Applied Research and Communications Fund – ARC Fund) од Бугарија.
 
Александар Филипоски од Фондацијата за Претприемачки сервис за млади, кој е и проект менаџер, истакна дека проектот се стреми да придонесе кон креирање на силна иновациска клима во државата преку промовирање на концептот на иновативни бизниси. Преку пакетот алатки понуден во рамки на проектот ќе се подобри конкурентноста на малите и средни претпријатија и ќе се стимулираат нивните капацитети за преземање и реализација на иновациски проекти. Ќе бидат креирани:
  • Онлајн курс за иновациски менаџмент со материјали за учење и мултимедија елементи;
  • Водич со основни алатки за поддршка на иновации кај малите и средни претпријатија;
  • Водич со можности за финансирање на иновации кај малите и средни претпријатија
  • Прва мобилна апликација која ќе ги информира компаниите за понудата и побарувачка на иновативни технологии на светско ниво и олеснет трансфер на иновативни технологии;
 
Проектот ќе вклучи и градење на капацитетите за иновации и пристап до финансии:
  • Пилотирање на онлајн курсот за иновациски менаџмент со 30 компании, студенти и бизнис консултанти;
  • Дводневна обука за европската програма Хоризонт 2020 за 25 компании;
  • Тридневна обука за инструментот за мали и средни претпријатија (МСП Инструмент) за 15 компании;
  • Обуки за заштита на интелектуална сопственост;
  • Промоција на „ИноЛаб“ каде студенти ќе можат да работат на иновативни проекти.
 
Како дел од проектот ќе бидат спроведени и:
  • Национална медиумска кампања за промовирање на иновациската дејност;
  • Национална награда за најдобрите иновативни компании “Innovation Enterprise Award”.
 
За време на промотивната конференција се обрати и претставничката од партнерот од Р. Бугарија, г-а Даниела Чонкова од АРК Фонд (Applied Research and Communications Fund – ARC Fund), која сподели добри практики во развојот на иновациите во нивната земја како земја-членка на Европската унија, со посебен фокус на националната награда Innovative Enterprise of the Year кои тие ја доделуваат 13 години по ред, под покровителство на претседателот, на најуспешните иновативни компании од целата држава, во различни сектори.

Преку соработка, добрите практики во форма на методологија, откривање, промоција и стимулирање на иновативните компании, ќе се применат и во нашата земја, прилагодени на локалната ситуација и потребите на домашните мали и средни претпријатија.
 
Сите заинтересирани може да најдат информации за активностите во рамки на проектот „Подобрување на конкурентноста на малите и средни претпријатија преку развој на капацитети за иновации“, на веб страницата: www.yes.org.mk

Галерија