Вебинар: Циркуларна економија - политики и практики

Фондација за Претприемачки сервис за млади ги поканува сите заинтересираните претставници на граѓански организации кои дејствуваат во полето на Поглавје 20 да ја следат обуката на тема „ Циркуларна економија – политики и практики “, која ќе се одржи на 18-ти мај 2018 година (петок), од 09.00 – 17.00ч, со пренос во живо на следниот линк.
 
Што е циркуларна економија?
Циркуларната економија претставува нов економски модел кој е фокусиран на дизајнирање и производство на конкурентни материјали за повторна употреба, преработка и рециклирање. Циркуларната економија е алтернативна на традиционалната линеарна економија (создади, користи, отстрани) во која се користат ресурсите што е можно подолго и максимално се искористува нивната вредност, а потоа од нив се обновуваат и креираат нови производи и материјали.
 
Обуката ќе ја води д-р Валентина Гечевска, универзитетски професор на Машинскиот Факултет – Скопје, основач и раководител на Центарот за менаџмент на животен циклус на производи и иновациски развој, член на менаџмент борд на интернационалната мрежа за PLM. Таа има искуства во имплементација на концептот за циркуларна економија во повеќе интернационални проекти и индустрии.

Агенда за обука.

Учесниците ќе имаат можност да поставуваат прашања до обучувачот на следниот линк. Прашањата ќе бидат одговорени во последната сесија од денот.
 
Ова е петтата обука од предвидената серија на 6 еднодневни обуки кои се реализираат во рамки на програмата за јакнење на капацитетите на граѓанските организации, во состав на новоформираната платформа „Поглавје 20“, во која членуваат 47 граѓански организации и институции кои делуваат во областа на Поглавје 20. 
Активностите кои се спроведуваат се дел од проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20 (YESNetwork+)“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за поддршка на граѓанското општество и медиуми 2015.
Проектот цели да постигне координација помеѓу граѓанските организации во реформскиот процес за Поглавје 20, да ги зајакне капацитетите на граѓанските организации за креирање на политики, вмрежување и следење на политиките за Поглавје 20.
За повеќе информации, контактирајте не на 3108 891 или sofija.cali@yes.org.mk .