Одржан вториот настан за вмрежување на тема „Младите и политиките за вработување“

На 22-ри и 23-ти ноември во Битола се одржа вториот од трите настани за вмрежување на тема „Младите и политиките за вработување„ како дел од проектот „Јакнење на капацитетите на граѓанските организации со цел унапредување на креирањето на младински политики“, финансиран од Европската Унија и имплементиран од ПСМ Фондација и МКЦ Битола. 

Во рамките на настанот беше одржана панел дискусија на тема „Политики и иновација: младите на пазарот на трудот“ која им овозможи на учесниците да се запознаат со претстојните политики за вработување, со посебен акцент на младинската гаранција, а беа отворени и други значајни теми како важноста на средното стручно образование, практичната работа, претприемништвото и социјалните иновации. 

Се дискутираше по следните прашања:

- Како до намалување на младинската невработеност и долгорочни решенија за перспективност во Македонија?Како да ги направиме младите поконкурентни на пазарот на трудот?

 

- Што претставува младинската гаранција и кои се ефектите од пилот спроведувањето? Дали оваа политика може значајно да го промени контекстот во кој младите трагаат по вработување? Каква улога играат праксата и дообучувањето во потрагата по работа?

- Со кои предизвици се соочуваат младите претприемачи? Кои се мерките кои можат да ја поттикнат културата на иновација и самовработливост?

- Кои се најголемите бариери за овозможување на полесно вработување на младите луѓе?

 

На настанот зедоа учество 33 претставници на граѓански организации со искуство и интерес за работа во полето на младинската невработеност, креатори и спроведувачи на политики за вработување на национално и локално ниво, образовни институции и бизнис сектор.

Вториот ден се одржаа над 50 состаноци (Б2Б средби) помеѓу учесниците претставници на граѓанскиот сектор, со што им се овозможи меѓусебно да се запознаат, поврзат, да разменат искуства и идеи за идна соработка.

Галерија